Клиничките болници од Битола, Лерин и Корча ќе соработуваат во областа на хирургијата
Директорите на клиничките болници од Битола, Лерин и Корча потпишаа договор за соработка во областа на хирургијата, проект поддржан од фондовите на Европската унија, а ќе се реализира од врвни едукатори од држави- членки на Унијата. Проектот ќе се одвива 24 месеци и ќе биде фокусиран на три хируршки техники со можност за пренесување на стекнатите знаења кои ќе резултираат со примена на девет нови техники во трите клинички центри...

Битолската клиничка и болниците од Корча и Лерин со помош на едукатори од ЕУ ќе изучуваат и воведуваат нови методи во хирушката медицина. Во следниот двегодишен период, секоја од болниците ќе се едуцира со три нови техники, а потоа партнерските болници тоа меѓусебно ќе го споделат со што на крајот од проектот секоја од болниците ќе биде оспособена за воведување на девет нови техники.
„За во сите тие болници се работи за техники кои досега не се работеле. Што се однесува до нашата институција очекуваме да се и опремеме, и на крајот да кажеме дека располагаме со девет нови хирушки техники“, вели заменик директорот д-р Жаклина Сермини.
„Првичните замислени методи се од васкуларната хирургија, а исто така планираме да имплементираме лапараскопска метода на дебело црево“, вели медијаторот на проектот, Стефан Талев.
Воведувањето на овие нови методи за пациентите би бил бенифит, и од здравствен и од економски аспект.
„Ова ќе биде само една основа понатаму очекувам соработката да се прошири и во другите медицински сектори. Со ова пациентите би добиле нови техники, а со тоа и намалување на трошоците, бидејќи нема да патуват во другите клиники“, вели директорот на болницата од Корча, д-р Агро Куро.
Проектот е во понапредна фаза на апликација и до крајот на годината се очекува зелено светло од фондот на Европската комисија. Освен надоградувањето на нови хируршки методи, тој ќе биде и убав пример за една регионална медицинска соработка.
Стевче Митревски
