Собрание: Ќе се гласа за потребата од носење на Законот за јазиците
Амандманите за Предлог-законот ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања, бидејќи законот е со европско знаменце. Потоа законот во второ читање ќе оди повторно на пленарна седница...

Собранието на Република Македонија денеска напладне треба да гласа за потребата од носење на Предлог- законот за употреба на јазиците, по што тој ќе влезе во втора фаза и пратениците ќе можат да поднесуваат амандмани по текстот.
Амандманите за Предлог-законот ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања, бидејќи законот е со европско знаменце. Потоа законот во второ читање ќе оди повторно на пленарна седница на дебата и финално изјаснување на пратениците по текстот.
Владејачкото мнозинство вчера порача дека Македонија навлегува во фаза на градење доверба меѓу заедниците. Според пратениците од СДСМ, станува збор за остварување високи демократски и цивилизациски норми од Советот на Европа и од Обединетите нации во македонското општество со што ќе се зголеми довербата.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека треба да се гради мултиетничко и граѓанско општество кое нема да се базира на проценти и бројки, туку за максимална заштита на употребата на јазиците. Се очекува опозицијата да не гласа за предлог-текстот во прво читање и да поднесе повеќе амандмани со кои од законот ќе се тргнат одредбите кои се надвор од Уставот.
