Средбата со Нимиц одложена за декември
На средбата, што беше закажана по подолга пауза, според грчките медиуми, Нимиц требало да излезе со конкретен предлог за решавање на спорот.

Средбата на претставниците на Грција и на Македонија со медијаторот Метју Нимиц што требаше да се одржи на 20-ти или 21-ви ноември е одложена и презакажана за декември, потврдија за МИА дипломатски извори вклучени во процесот на разговори. Причините за одложувањето на средбата засега не се посочуваат.
На средбата, што беше закажана по подолга пауза, според грчките медиуми, Нимиц требало да излезе со конкретен предлог за решавање на спорот.
Атина очекува по победата на премиерот Зоран Заев на локалните избори и стабилизацијата на неговата Влада, од Македонија да продолжи со активностите на „добра волја“ со кои ќе покаже дека го напушта иредентизмот, како што се промената на името на Аеродромот во Скопје и отстранување на спомениците поставени во времето на Никола Груевски- објавија грчките медиуми.
„Катимерини“, пак, најави дека вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи наредната недела ќе ја посети Атина каде што ќе разговара со високи претставници на грчките власти. Повикувајќи се на аналитичари, весникот информира дека се очекува средбите меѓу претставници на двете земји да се интензивираат на почетокот од следната година.
