Заев: Владата е определена да го негува и унапредува македонскиот јазик

15.11.2017 14:22

Заев истакна дека третманот на македонскиот јазик ќе биде сеопфатен и стратешки, исто како и кон институциите кои се занимаваат со него.

Новата Влада искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ, порача денеска премиерот Зоран Заев кој ја отвори втората Меѓународна научна конференција „Минатото на јазичниот свет – денес и утре“ што се одржува во рамки на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје.

Заев истакна дека третманот на македонскиот јазик ќе биде сеопфатен и стратешки, исто како и кон институциите кои се занимаваат со него.

Подготвени сме како Влада да вложуваме во капацитетите што ќе ја развиваат употребата на македонскиот јазик. Тој да биде правилно употребуван во Република Македонија и подостапен за изучување во странство, рече Заев.

Поосчи дека во Програмата предвиделе повеќе мерки за овие цели. Најави дека ќе се води поголема грижа за правилна употреба на мајчиниот јазик од сите чинители и дејци кои имаат влијание на јавноста, медиумите, телекомуникациските оператори, државните органи и институции, со посебен акцент на правилна употреба на јазикот уште кај најмалата популација во почетниот образовен процес.

Владата ќе го поддржи повторното отворање лекторати за македонски јазик на странските универзитети во другите земји, особено во ЕУ. Ќе ги засилиме врските со дијаспората и преку финансирање часови по македонски јазик во државно-конзуларните претставништва во градови каде е изразен доволен интерес за тоа. Ова се дел од мерките на коишто се обврзавме во владината Програма, а денес пет месеци по формирањето на новата Влада ги имаме и првите сработени активности, потенцира Заев.

Владата, како што рече, во соработка со истакнати македонисти и експерти во областа веќе усвои повеќе предлог-мерки што се насочени кон унапредување на состојбата со македонскиот јазик за чија реализација е задолжено Министерството за култура.