Над 150 илјади луѓе во земјава боледуваат од ХОББ

15.11.2017 14:52

Денеска е Светски ден на заболените од ХОББ. Во земјава има над 150 илјади пациенти кои боледуваат од Хронична опструктивна белодробна болест. Во светот бројот на заболени надминува 200 милиони...

Недостиг од воздух, тешко дишење, кашлица, болка во градите, слабост на организмот- ова се симтомите на Хроничната опструктивна белодробна болест. Се зголемува бројот на болни. Поради пушењето, сѐ почесто страдаат младите, состојбата дополнително ја влошува аерозагадувањето, но и инфекциите. Институтот за белодробни заболувања врши превентивни прегледи.

„И од загадениот воздух ми е, но најмногу од цигарите. Но, пред 10 години ги оставив цигарите и од тогаш болеста стагнира, не се шири.“ 

„Ми дадоа насоки за превенција бидејќи сум страствен пушач да ги намалам, ако не можам да ги оставам цигарите, инаку капациеттот ми е задоволителен за овие години“, велат пациентите.

„Има граѓани кои се со намалена, редуцирана функција на белите дробови и нив ги упатуваме да дојдат во нашиот Институт за белодробни заболувања за понатамошно дополнително испитување. Она што загрижува дека има многу млади кои се пушачи и ги советуваме да се откажат, бидејќи со тоа опаѓа белодробната функција“, изјави д-р Александра Јоргановиќ- Стојкоска, Институт за белодробни заболувања.

Лекарите објаснуваат дека ХОББ е системско заболување кое се поврзува со повеќе болести поради што се комплицира состојбата на пациентот. Важно е навреме да се открие за да биде успешно лекувањето.

Во Македонија има околу 150 илјади болни од Хронична опструктивна белодробна болест. Во светот, пак, околу 200 милиони боледуваат од ХОББ.  

 

Андријана Атанасовска