Сеќавање за загинатите војници на ЈНА во Вуковар
Не исчезнува болката по блиските кои беа жртви во југословенската војна. Нивните семејства бараат да останат сеќавањата, и нивните имиња да не бидат заборавени...

И оваа година по 10-ти пат, пред споменикот на „Откинатото мајчино крило“, традиционално со почит и за спомен на загинатите млади војници од поранешна ЈНА, кои се најдоа, не по своја вина, и загинаа на боиштата во последната војна што се случи на Балканот во минатиот век, нивните родители и блиски роднини положија свежи цвеќиња. Болката, времето ја потисна длабоко во нивните срца, но спомените никогаш нема да се избришат, велат родителите на починатите војници, чија бројка, за жал, како одминуваат годините е се помала.
Во хронологијата за овој настан, во поновата историја е забележено дека, пред 26 години се случи дезинтеграција на поранешната сојузна држава. Згаснаа 57 животи меѓу кои, 12 момчиња од другите националности од Македонија. Оставајќи им на историчарите и на политиколозите да ја допишат страницата за тоа што се случуваше во глобалните процеси во Европа, меѓу живите сведоци од тоа време од 120-те инвалиди е и Моме Кипријановски, претседател на Здружението на загинати и повредени војници од ’91-та година. Тој остана инвалид од војната која се случи во Тење кај Осјек, два дена пред Вуковарската голгота. За него, животот и натаму тече, вели Моме, кој оптимистички гледа на предизвиците кои ги носи секојдневието.
И овој настан, којшто традицонално се одржува во Скопје е најава дека и догодина ќе биде одбележан, за да не се заборават имињата на починатите момчиња, кои го дадоа својот живот за независноста на Македонија, и поради тоа уште еднаш ја подржаа иницијативата државата постхумно да ги одликува овие херои.
Мирјана Василева
