Бесплатно тестирање за ХИВ вирусот
Најдобра превенција е тестирањето, кое е бесплатно и доброволно, и така се спречува ширењето на вирусот. По повод Европската недела, невладината „Хера“ од утре организира бесплатно тестирање.

338 лица во Македонија живеат со ХИВ вирусот, од нив 190 се на терапија – последни податоци на невладината „Хера“. Најдобра превенција е тестирањето, кое е бесплатно и доброволно, и така се спречува ширењето на вирусот. По повод Европската недела, невладината „Хера“ од утре организира бесплатно тестирање.
„Последните статистики покажуваат дека едно од четири лица од околу 1,2 милиони лица кои живеат со ХИВ во Европа не се свесни за својот ХИВ статус. Половина од нив се дијагностицирани доцна, а со тоа се одложува и пристапот до терапија. Лицата кои живеат со ХИВ и навремено се дијагностицирани и веднаш почнат со антиретровирусна терапија, појасни таа, живеат долг и квалитетен живот и можат да планираат безбедно родителство без ризик од пренос на ХИВ“, изјави Светлана Војновска од „Хера“.
Целта на Европската недела за ХИВ, чие одбележување почнува утре и ќе трае до 24-ти ноември, е подигнување на свесноста за придобивките од ХИВ тестирањето и потикнување и мотивирање поголем број граѓани да го направат и да го дознаат својот ХИВ статус.
