До 2020-та да нема дете под три години сместено во згрижувачки домови
До 2020-та година да нема ниту едно дете под три години сместено во згрижувачки домови, заложби на Министерството за труд и социјална политика. Околу 250 деца, од кои 70 на возраст под 3 години не живеаат во семејна средина. Истражувањата покажале дека љубовта и грижата кои децата ги добиваат во првите години од животот, ги дефинираат каква личност ќе бидат.

Сместувањето деца во институции e штетно за нивниот развој, бидејќи имаат помали шанси да се развијат нормално, и психички и физички - покажуваат анализите на УНИЦЕФ. Оттаму објаснуваат дека во институција децата не добиваат или малку добиваат внимание и љубов, се наоѓаат под емоционален стрес што го успорува нивниот развој.
„Семејството за секое дете е примарен извор на учење пред возраст од три години кога се формираат поголемиот дел од когнитивните емоционални и социјални капацитети. Семејството е извор на сигурност, идентитет, припаѓање и љубов“, изјави Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
До 75 проценти од мозокот се развива до седмата година од живот и ако тогаш не се вложува во децата, во развојот на интелегенцијата, тогаш е пропуштено многу – вели министерката Царовска.
Надлежните имаат план до 2020-та година да се стави крај на ваквото згрижување, односно институциите да се заменат со згрижувачки и роднинински семејства, форми најблиски до природното семејство.
„Треба да се направат напори да се прекине со практиката на институционално згрижување, за што ЕУ ќе ги поддржуваат Министерството, Владата и невладините организации да се развие алтернативната форма на згрижување“, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.
Во моментов во земјава околу 250 деца се згрижени во институции, од нив 70 се на возраст под три години.
Наташа Јанчиќ
