Поголема автономија за СЈО

Ќе се менува законот за заштита на сведоци

16.11.2017 15:55

Владата ќе предложи измени на законот за заштита на сведоци за обезбедување поголема автономија и ефикасност на Специјалното Јавно Обвинителство. Оттаму велат дека тоа е дел од итните реформски приоритети поврзани со правосудството. СЈО го покрена ова прашање пред речиси две години, но обидите за реализација беа неуспешни...

Ќе се менува законот за заштита на сведоци- корекциите што треба да обезбедат поголема автономија на Специјалното Јавно обвинителство за определување на статусот на заштитниот сведок во нивните предмети, го минаа владиниот филтер.

„Целта на оваа измена да се обезбедат услови за поголема автономија и ефикасност на СЈО за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, истакна владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Со постојното решение предлогот за заштитен сведок го поднесува јавниот обвинител, одлучува Советот. Според Министерството за правда, вака уредената постапка може да има индиректно влијание и притисоци над работата на јавниот обвинител за гонење кривични дела што призлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Потреба од соодветни измени на законот, е наметната и од прекуграничната соработка, во однос на промена на идентитетот и преместување на ризични сведоци- стои во образложените на предлагачот.

Уште во јануари минатата година, СЈО ги иницираше измените со образложение дека целта е да се стесни кругот на лица од институциите кои ке знаат кој им е заштитен сведок за се поштедат од влијаниа на исказите и истрагата. Но, сите обиди за ваков закон, беа неуспешни. Сега одлуката е дел од итните реформски приоритети со правосудството и според Владата е донесена во консултација со сите институции.

Зелено светло од владиниот кабинет и за укинување на Советот за утврдување на факти и одговорност на судиите. Ингеренциите се враќаат кај Сдускиот совет. Ќе се менува и ова законско решение, според владиниот портпарол, оваа институција работела нетранспарентно и членот за ислучување на јавноста од седниците каде се именувале или разрешувале судии наместо можност станало правило.

Предлозите до крајот на неделава ќе се достават на адреса на Собранието.

Сузана Фиданска Стоевска