Заев: Македонија и Бугарија се сојузници
Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија ќе биде ратификуван до крајот на годината- најави претседателот на Владата, Зоран Заев во интервју за Бугарската национална телевизија. Со Бугарија не сме само пријатели, туку станавме и сојузници- изјави премиерот Заев, изразувајќи силна поддршка за изградбата на Коридорот 8. Потребна ни е економска поврзаност од Драч преку Скопје до Бугарија- рече Заев во интервјуто на бугарскиот јавен сервис...

Договорот за добрососедство што го потпишаа Македонија и Бугарија ќе биде ратификуван до крајот на годинава. Ова го изјави премиерот Зоран Заев во интервју за БТВ. Со овој документ, оцени шефот на Владата, Македонија не загубила ништо, туку со Бугарија изградила пријателство и добила сојузник за идни предизвици.
„Деведесет проценти од Договорот за добрососедство со Бугарија беа направени од Груевски и од власта. Јас ја имав честа на крајот, заедно со премиерот на Бугарија да ја донесеме храбрата одлука, како лидери кои мислат на иднината на двете земји, и на соработката. Тука беше застанат договорот- дали имаме или не заедничка историја. Светот има заедничка историја, Исус Христос чија историја има? Ние само го направивме последниот чекор. Ние до крајот на годината ќе го ратификуваме договорот“- изјави премиерот Заев во интервјуто.
Прашан како мисли да го реши проблемот со името, Заев оцени дека Грција ги омекнала позициите и очекува дека двете земји ќе имаат взаемно разбирање при наоѓање на решение за спорот. Сепак, додава дека и двете страни треба да направат отстапки.
„Ние сме свесни дека северниот дел на Грција се нарекува Македонија и немаме проблем со таа работа. Тие сакаат да го разграничат тој дел од земјата со државата Македонија. Во ред, ќе најдеме начин како да се разбереме, а притоа и тие да бидат среќни, а и ние да бидеме, или двете страни подеднакво да не бидат среќни. Решението мора да го најдеме за да ги отвориме перспективите за соработка на двете земји, ние сме должни како политички лидерства да ги решаваме проблемите, а не да ги комплицираме“, нагласи премиерот Заев.
Инфраструктурното поврзување на Македонија и Бугарија мора да биде еден од приоритетите на регионот - вели Заев. Изрази силна поддршка за изградбата на Коридорот 8, кој ќе води од Драч преку Скопје до Црно Море во Бугарија.
Анита Димитријевска
