Зимбабве

Мугабе се појави во јавност за првпат по куќниот притвор

17.11.2017 13:09

Претседателот Мугабе за прв пат се појави во јавноста, откако е ставен во куќен притвор. Војската соопшти дека има значаен напредок во операцијата за истребување на криминалот во Зимбабве. Политичките чинители сѐ уште преговараат за начинот на заминување на Мугабе од политичката сцена.

Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, кого војската го стави во куќен притвор, се појави на церемонија за доделување дипломи на универзитетот во Хараре. Ова е негово прво појавување во јавност откако пред три дена беше извршен обид за пуч во земјата. Државните медиуми објавија соопштение од војската во кое се наведува дека напредуваат преговорите со Мугабе за негово повлекување од власта.

Војската соопшти дека е остварен значителен напредок во операцијата за истребување на криминалците околу Мугабе, додавајќи дека некои од нив се уапсени.

Во меѓувреме западни медиуми јавија дека поранешниот вицепремиер на земјата Емерсон Мнангагва се вратил во државата. Тој избега од Зимбабве по отстранувањето од функцијата на 6-ти ноември, но вети дека ќе ја оспори власта на Мугабе и неговата сопруга Грејс.

Раководителите на ЗАНУ-ПФ денеска ќе имаат состанок на кој ќе подготват резолуција за отстранување на Мугабе од лидерската позиција викендов и за импичмент следната недела ако тој доброволно не се повлече.

„Мора да ги надминат разликите, веднаш. Потребен ни е мир и средина во која владее добра економија. Тоа го очекуваме од нив“.

„Земјата оди наназад, се движиме надолу, но мора да се исправиме. За среќа, некој има моќ и сила да го направи тоа. Јас сум со нив сто проценти“, велат жителите на Хараре.

Медиумите шпекулираат дека доколку претседателот Мугабе биде убеден да се повлече официјално, тоа би ја легитимирало драматичната воена интервенција.

Според изјавите на жителите на Хараре што ги објавуваат светските медиуми, тешко кој сака Мугабе да остане и натаму претседател, но според познавачите на ситуацијата во Зимбабве, ќе биде потребно време за преговорите околу начинот на неговото заминување од власт.

 

Марина Ристова