ВМРО-ДПМНЕ: СДС воведува нефункционална двојазичност
Заев велеше дека двојазичноста и Тиранската платформа е само во главата на Груевски, но сега гледаме дека тоа станува вистина, упорно се турка закон кој е против интересите на државата- велат од опозициската партија...

СДС воведува нефункционална двојазичност во целата држава спротивно на Уставот, и ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржува таков закон, соопшти оваа опозициска партија. Ова претставува целосна двојазичност и е вовед во нови пооделби, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
Заев велеше дека двојазичноста и Тиранската платформа е само во главата на Груевски, но сега гледаме дека тоа станува вистина, упорно се турка закон кој е против интересите на државата, против волјата на македонскиот народ, но и против соживотот во оваа држава. Двојазичноста која ја предвидува СДС значи двојазичност на сите нивоа, имено СДС предвидува книжните и кованите пари, како и поштенските марки да бидат двојазични, согласно чл.8 од овој предлог закон. Да почитувани граѓани во овој предлог закон стои дека и парите ќе бидат двојазични, нешто што беше константно негирано од Зоран Заев и актуелната власт, но сега гледаме дека е вистина, вели Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додава дека законот за двојазичност обврзува униформите на полицијата, на пожарникарите, и на здравствените работници во градот Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните го зборуваат албанскиот јазик да бидат со натписи и на албански.
