Германија ја тресе политичка криза: Слободните демократи ги напуштија преговорите за коалиција

20.11.2017 10:21

Канцеларката Ангела Меркел синоќа изрази жалење поради неуспехот на преговорите за состав на владејачка коалиција. Најави средба со претседателот Штајнмаер, кого ќе го информира за неуспешните преговори со Слободните демократи и со Зелените...

Обидот на германската канцеларка Ангела Меркел да состави трипартиска коалициска влада доживеа голем удар откако нејзините потенцијални партнери од Слободните демократи (ФДП) се повлекоа од преговорите. Бизнис- ориентираните членови на ФДП се незадоволни од неусогласеноста околу клучните прашања како што се мигрантите и заштитата на животната средина.  Коалицијата меѓу конзервативниот блок од Христијанско-демократската Унија и Христијанско-социјалната Унија (ЦДУ/ЦСУ), Слободните демократи и Зелените е потребна поради намалената популарност на септемвриските избори, на кои гласачите делумно им свртеа грб на големите партии од левицата и десницата и изгласаа фрагментиран парламент. Постигнувањето на тристран договор е шанса за Меркел да си го обезбеди четвртиот мандат на чело на државата. Но Слободните демократи, кои по 4 години се вратија во парламентот, и Зелените, кои не гладееле 12 години, не сакаат со компромиси да го отуѓат своето гласачко тело.

„Соговорниците не развија заедничка идеја за модернизирање на земјата, а пред се, не развија заемна доверба. Не сакаме да преземаме одговорност за документ кој има штетни мерки. Ќе мора да се откажеме од принципите и се на што работевме со години. Нема да ги оставиме нашите гласачи и да поддржиме политика во која не сме убедени. Подобро е да не владееме воопшто отколку да владееме погрешно“, изјави Кристијан Линдер, лидер на Слободните демократи (ФДП).

Канцеларката Меркел изрази жалење од потегот на ФДП и најави средба со претседателот Франк Валтер Штајнмајер со кој ќе се одлучуваат идните чекори.

„Зад нас се 4 седмици на интензивни преговори, можам да кажам дека ЦДУ-ЦСУ стори се за да најде решение. Верувавме дека сме на пат на којшто би постигнале договор. Со сета почит кон ФДП, жалам што не можевме да постигнеме спогодба“, изјави Меркел.

Свикувањето на нови парламентарни избори не им одговара на партиите бидејќи стравуваат од уште поголем прогрес на ултрадесничарите од „Алтернатива за Германија“ кои влегоа во Бундестагот.

Коалициското фијаско може да резултира со сериозна политичка криза во Германија бидејќи Социјалдемократите веќе најавија дека планираат да останат во опозиција.

 

Маја Филдишев