Охрид: Бродот кој предизвика еколошки инцидент ќе биде отстранет од каналот Студенчишта
Бродот „Мис Стон“ од кој вчера во каналот студенчишта се излеа дизел гориво ќе биде дислоциран, а против сопственикот ќе бидат поднесени соодветни пријави. Од локалната самоуправа и од Охридската капетанија најавија отстранување на сите пловни објекти кои претставуваат опасност по животната средина...

По вчерашниот еколошки инцидент кога од потонатиот брод „Мис Стон“ во каналот Студенчишта се излеаја 10 до 20 литри нафта, денеска локалната самоуправа презеде активности за негово отстранување. Нафтените деривати во каналот по третирањето со специјални средства за разградување се неутрализирани, а од надлежниот инспекторат и од Охридската капетанија најавија поренување соодветна постапка против сопственикот на бродот.
„Изворот, односно брод со помали димензии кој што одамна не се користи, сопствениците биле некаде во странство, дошло до навлегување на вода по игра на случајот и бродот потонал и вода навлегла во резервоарот и се илеала количина на нафта“, изјави Горан Устијаноски, капетан на Охридската капетанија.
Од друга страна роднина на сопственикот обвинува дека пловниот објект е оштетен при дислоцирање, кога се вршеле градежни работи во каналот.
„Бротчето без знаење на братучед ми го имаат влечено, без да го информираат дека треба да се отстрани. Тие на своја глава го тргале бротчето и го имаат скшено на половина“, вели Љутви Калики- роднина на сопственикот.
Од локалната самоуправа најавија отстранување на овој, но и сите други пловни објекти кои претставуваат опасност по животната средина.
„Во секој момент очекуваме да дојде уште еден брод. Ние како локална самоуправа од ЈП „Нискоградба“ донесовме црпни пумпи кои ќе ја исцрпат водата од бродот и тој ќе биде дислоциран од каналот“, рече Томе Џамтоски- портпарол на општина Охрид.
Еколошките инциденти ги имало и ќе ги има велат експертите, а единствено решение за овој проблем според нив е изградба на марина.
Сашо Нелоски
