Дебата за измените во Законот за медиуми
Јавна дебата за предложените измени во Законот за медиуми. Претставниците на власта тврдат дека целат не е да се врши притисок и да наметнуваат правила врз новинарите, туку да се елиминираат сегашните дефекти. ЗНМ со оценка- со наметнување на високи казни сакате да станете главен и одговорен уредник на сите медиуми...

Предложените измени во Законот не се за да се изврши притисок и да наметнуваат правила врз новинарите и медиумите, тврдат министрите Поповски и Манчевски. Според нив, целта е да се детектираат дефектите во постоечкото решение и да се отстранат.
„Не треба Владата да е моторот на реформите во медиумите. Треба да сте вие, медиумските работници. Ние треба да сме тука да ви дадеме простор и механизми како тоа да го направите, ама на крајот на денот вие треба да се договорите што е тоа што е најдоброто за вас“, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
„Владата нема намера никако со овој закон да направи дополнителни проблеми во општеството, во начинот на функционирање на новинарската професија, и особено во начинот на работењето на медиумите“, рече министерот за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски.
Со наметнување на високи казни сакате да станете главен и одговорен уредник на сите медиуми – рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. Дел од дискутантите рекоа дека саморегулацијата кај медиумите е основата, а не казните кои се пропишуаваат за искажан став.
„Сеедно- било кој, дали Агенцијата за медиуми, дали судот, да изигрува главен и одговорен уредник на медиумите, ви кажувам ако тоа сакате да го направите- воведувате цензура во Македонија“, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
На дебатата- став дека за јавниот сервис да е политички и финансиски независне требаат стабилни парични примања. Не треба да се укинуваат донациите и спонзорствата. Учесници во дебатата сметаат дека 0,7 проценти од буџетот е мала сума за исполнување на сите обврски, имајќи предвид дека МРТВ прави програма на девет јазици.
„Треба да има само посебен закон за МРТ, каде ќе биде регулирано се внатре. Вака, во овој закон, воопшто не се регулирани работите и само ни прават проблем при нашето работење“, изјави Слаѓана Милојевиќ, претставник од Синдикатот на МРТ.
Владините преставници тврдат дека секоја наредна година за јавниот сервис ќе се обезбедува поголема сума на пари од претходната за 0,1 процент. Предлог- законот за медиуми ќе биде отворен за увид до крајот на месецот.
Миле Ристески
