Лазаров призна дека го поттикнал насилството во општина Центар
Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, екс- министерот Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова се изјаснија за невини за случајот „Насилство во Центар“. Првиот човек на општинскиот комитет Томислав Лазаров призна вина и рече дека се кае. Иако одбраната на обвинетите бараше одложување на расправата, судијата не ги прифати предлозите и ја почна главната расправа за предметот...

Советникот на ВМРО-ДПМНЕ Томислав Лазаров призна дека го поттикнал насилството во општина Центар за време на протестите во 2013-тата. Изјави дека се кае и побара од судот да ги уважи олеснителните околности.
Останатите 13-мина обвинети, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, екс –министерот Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова рекоа дека не се чувствуваат виновни.
Според Специјалното обвинителство коешто го застапува овој предмет, насилството било организирано од Груевски, а реализирано преку претставници на пониските партиски ешалони со цел преку насилство да се спречи седницата на Советот за измена на Деталните урбанистички планови и на тој начин да се заштитат партиските и бизнис интереси.
Судот претходно ја раздвои постапката за обвинетиот Димче Крстев, а посебно му се суди и на советникот што ја призна вината. Пресудата за него ќе биде објавена на 24-ти ноември.
Анита Димитријевска
