Црвениот крст ја одбележува неделата за грижа на стари лица

20.11.2017 16:25

Во Скопје и во 29 општински организации ќе се работи на подигнување на свеста, што значи да се биде лице во трето доба. Црвениот крст ја одбележува неделата за грижа на стари лица. Очекуваат до крајот на наредната година 250 луѓе да ги користат услугите од Црвениот крст во домашни услови...

Посети во домашни услови, бесплатни прегледи, инфо пунктови за превенција и прегледи, дистрибуција на прехранбени пакети, хуманитарни концерти, работилници... „Сите сме нивни деца“ е мотото на Црвениот крст со кое се одбележува неделата на грижата за стари лица. Со активностите ќе се обидат да ја подигнат свеста за лицата во третата доба за да се искористат целокупната животна и професионална енергија, искуство, рационалност.

Ресорното министерство ја спроведува политиката за вонинституционална заштита и развој на сервиси на локално ниво. За активните стари лица, функционират 12 дневни центри, а министерството планира зголемување на нивниот број.

Наредната година ќе се унапредуваат капацитетите и на 25-те приватни и на 5-те јавни домови за стари лица, најави министерката Царовска.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска