Евроинтеграции

Хан: Истрчајте го последниот километар за да го завршите маратонот

20.11.2017 16:35

„Постигнавме многу. Сега е важно да се истрча последниот километар, да се заврши маратонот за да се постигнат резултати што ќе овозможат да дадеме позитивна препорака“ - ова е пораката на еврокомесарот Хан кој е во посета на земјава. Премиерот Заев вели дека процесите никогаш не биле подинамични и очекува во почетокот на идната година Македонија да стане дел од стратегијата за проширување на Европската унија. Гостинот од Брисел попладнево е на средби со лидерите на партиите...

Македонија ќе влезе во европскиот документ за проширување на Европската унија до 2025 година што ќе биде објавен во февруари, потврди еврокомесарот Јоханес Хан, по средбите во Скопје. Тој е задоволен од напредокот во реформите и бара Македонија да го искористи позитивниот моментум во односите со соседите за добивање на датум за почнување на преговори со Унијата.

„Мислам дека веќе постигнавме многу, но сега е важно да се истрча последниот километар, или половина километар, да се заврши овој маратон, нешто да се направи. Со задоволство слушам за различните проекти и активности кои се преземаат за да се постигнат резултати, што ќе ни овозможи да дадеме позитивна препорака“, изјави еврокомесарот Хан.

Очекуваме одмрзнување на интеграцијата на Македонија во ЕУ и јасна препорака за почнување на преговори, изјави премиерот Зоран Заев.

„Интензивно работиме на подобрување на односите со сите соседи, вклучувајќи ја и Грција, со која забрзано и заеднички се работи на решавање на проблемот. Затоа очекуваме со право Република Македонија да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ, најавена да биде соопштена во февруари наредната година“, изјави премиерот Зоран Заев.

Законот за јазиците не е приоритет, појасни Хан, но додаде дека е добро ако и тој биде усвоен до крајот на годината. Побара приоритет на Владата да ѝ бидат неопходните реформи во судството, борбата против корупцијата и слободата на медиумите, поддржани и од опозицијата.

 

Ирина Гелевска