Бесими: Посетата на Венизелос е конструктивен чекор

18.02.2014 13:49

Бесими ги истакна како исклучително важни добрососедските односи и укажа на подготвеноста од наша страна да ги надминеме отворените прашања со соседите...

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими во Центарот за европски политики во Брисел имаше обраќање за „Европската иднината на Македонија – Перспективите и предизвиците“. Бесими ги истакна како исклучително важни добрососедските односи и укажа на подготвеноста од наша страна да ги надминеме отворените прашања со соседите. Тој ја оцени како конструктивен чекор посетата на министерот за надворешни работи на Република Грција, Евангелос Венизелос на Република Македонија во својство на претседавач на ЕУ. Притоа, Бесими оцени дека и покрај отворените прашања со соседите, членки на Европска унија, Македонија опстојува на обврските што ги носат предизвиците на реформскиот процес.

Бесими, исто така, ја истакна важноста од забрзување на евроинтеграциите, како важен предуслов за стабилноста и развојот на регионот.

Вицепремиерот информираше за досегашната работа на Владата на Република Македонија каде ги спомна реализираните реформи а кои се дел од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), односно реформите во делот на слободата и изразувањето; измените во Изборниот законик за кои се постигна консензус меѓу политичките партии и реформите во делот на  владеење на правото и почитувањето на фундаменталните права; реформите во јавната администрација и пазарната економија, а посебен акцент ставил и на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, како клучен приоритет на Владата за зајакнување на мултиетничкиот карактер на земјата.

Вицепремиерот Бесими се сретна и со директорката на Директоратот за проширување на Европската Комисија Александра Кас Грање како и со Известувачот за Република Македонија во Европскиот Парламент, Ричард Ховит.