Заев- Брнабиќ: Секое прашање да се решава со дијалог
Не постои европска интеграција без Западен Балкан. Ќе се работи на проектите на Коридорот 10 и на гасоводното поврзување Врање- Куманово. Едно од горливите прашања е релацијата Белград- Приштина, која Македонија ја почитува и од која зависи иднината на Западниот Балкан во Унијата, изјави на средбата во Белград, премиерот Заев.

На почетокот на наредната година заедничка седница на македонската и на српската влада. Ова беше најавено на состанокот на премиерите Брнабиќ и Заев во Белград, при што е потенцирано дека регионалната соработка е важна за мирот и стабилноста.
Не постои европска интеграција без Западен Балкан. Ќе се работи на проектите на Коридорот 10 и на гасоводното поврзување Врање- Куманово. Едно од горливите прашања е релацијата Белград- Приштина, која Македонија ја почитува и од која зависи иднината на Западниот Балкан во Унијата, изјави на средбата во Белград, премиерот Заев.
„Македонија го почитува дијалогот што Србија го отвори со Косово односно меѓу Белград и Приштина, и верувам дека во интерес на Србија ќе биде најдено решение. Ние тоа го поддржуваме комплетно и се надеваме дека тоа ќе биде наскоро, бидејќи тоа е важно за Србија и за нејзината европска перспектива, но исто така од тоа прашање зависи и перспективата на целиот наш регион“, изјави македонскиот премиер Зоран Заев на заедничката прес- конференција со српската премиерка Ана Брнабиќ.
За српската премиерка Брнабиќ, оваа прва официјална посета на македонскиот премиер на Белград е добар сигнал за сите понатамошни активности и сите отворени прашања да се решат со дијалог.
„Не значи дека сега се ќе биде без проблеми, но важно е да имаме дијалог. Мислам дека тоа е основната порака од денешниот состано. Само со дијалог можеме конструктивно да ги решиме проблемите, и мислам дека дијалогот нема да сопре во следниот период, и оти ќе се отвориме за понатамошна соработка. Никој не ги става под тепих проблемите“, изјави Брнабиќ.
Брнабиќ кажа дека на состанокот се разговарало и за конкретни проекти и соработката врз која треба да се работи, за на заедничката владина седница да се дојде до потпишување на договор.
Владината делегација, предводена од Заев ќе биде примена и од претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Премиерот Заев и владината делегација ќе имаат работни активности во Амабасадата на Република Македонија во Белград.
Посетата на Белград премиерот Заев ја завршува со средба со претставници на македонската заедница во Србија, кога ќе предаде донација на соодветна литература по македонски јазик, лектири и помошни наставни средства со цел на зајакнување на процесот на изучување на предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура“.
