Кромберг и Шуберт добива нови соседи во „Жабени“
Во компанијата има 1.000 вработени, до крајот на годината нивниот број ќе биде двојно зголемен. Во индустриската зона Жабени недалеку од Битола годинава ќе почнат со изградба најмалу три компании.

Германската компанија Кромберг и Шуберт во зоната „Жабени“ годинава очекува да проработат и првите соседи. Во фабриката за автомобилски кабли веќе четири месеци се произведуваат БМВ-модули за Мини Купер и X-1. Наскоро очекуваат работа и за Мерцедес и Ауди. Носечкиот кадар е на возраст од 20 до 35 години.
Во компанијата има 1.000 вработени, до крајот на годината нивниот број ќе биде двојно зголемен. Во индустриската зона Жабени недалеку од Битола годинава ќе почнат со изградба најмалу три компании.
Успешното работење на Кромберг и Шуберт привлече нови фирми да вложуваат во Македонија. Се проценува дека повеќе фабрики во зоната ќе донесат конкуренција и конечно поголеми плати. Со пролетта се очекуваат поинтензивни градежни активности.
„28 инвеститори купиле 40 -тина парцели. Околу 9 имаат добиено дозвола за градба од општината“, изјави за МРТ Сашо Илковски, генерален менаџер на индустриска зона Жабени.
Во општината оценуваат дека со стратегијата за Жабени, освен што се намалува невработеноста, поволности имаат и оние што вложуваат.
„Секој инвеститор што ќе вработи над 300 битолчани, за тоа да остави банкова гаранција и 100 проценти ќе биде ослободен од плаќање на комуналии. Така почнавме со индустриската зона Жабени“, информира градоначалникот на Битола, Владимир Талевски.
Во Битола има шест илјади активни баратели на работа. Околу 900 се на возраст до 29 години. Над 50 години 4400 граѓани активно бараат работа. Агенцијата за вработувања врши обука на кадар, ги поврзува невработените со работодавачите .
„Во соработка сме со индустриската зона Жабени и вршиме посредувања при вработување на активни баратели на работа“, посочои Јулијана Поповска, од центарот за вработување во Битола.
Драги Талевски лебот го заработува на тезга на Широк Сокак. Вели граѓаните имаат проблем да дојдат до сигурна плата.
„Работа нема, сега Кромберг и Шуберт што вработуваат и тоа е“, рече Драги Талевски. Посочува дека лугето на негови години не се атрактивен кадар на пазарот на труд.
И неговиот сограѓанин Љупчо Николовски има проблем да дојде до работа.
„Во огласите бараат работници до 35 години, а јас што имам 60 кој ќе ме вработи, што да правам четири години до пензија“, вели Љупчо Николовски.
Но и двајцата се согласни во едно дека отворањето на големи компании ќе ги задржи младите во градот.
Токму пример за таква е Кромберг и Шуберт, компанија присутна на светскиот пазар повеќе од 110 години, Со над 26.000 вработени во повеќе од 30 фабрики. Од неодамна нивните производи го носат знакот „произведено во Македонија“.
Наташа Јанчиќ
