Опаѓа возрасната граница на корисниците на наркотични дроги
Опаѓа границата на возраста на уживателите на наркотични дроги. Загрижува што на нарко пазарите во земјава е се позастапен кокаинот, но висок е процентот и на граѓаните кои земаат седативи...

Загрижувачки податоци за употребата на дроги во земјава. Дури пет проценти од децата на 15 и 16- годишна возраст пробале марихуана, овој процент расте со зголемување на возраста- покажува истражувањето на Институтот за јавно здравје. Оттаму велат- лесно е достапен и кокаинот. Македонија е дел од Балканската рута, но голем дел од дрогата останува кај нас.
„Употребата на илегални дроги е околу два процента, но загрижува фактот што таа има тренд на пораст и е поврзана со возраста. Па така, на 15 и 16 години околу 5 проценти рекле дека пробале еднаш до два пати марихуана“, изјави д-р шабан Мемети, директор на Институтот за јавно здравје.
Триесет и два насто од граѓаните земале седативи еднаш годишно. Најчесто ги користеле за смирување, препишани од лекар, но и на своја рака.
Од Министерството за здравство велат дека податоците загрижуваат. Додаваат дека следната година ќе бидат опфатени во програмите за превенција.
Испитувањето е спроведено на 5.005 испитаници на возраст од 15 до 64 години од различни демографски и социоекономски категории.
Андријана Атанасовска
