Македонија- Србија: Соработка преку дијалог

21.11.2017 15:03

Преку заедничките иницијативи да се продлабочат соработката и пријателството меѓу Македонија и Србија, заклучиле на средбата во Белград српскиот претседател Вучиќ и македонскиот премиер Заев. Економското партнерство се изразува преку трети пазари, а некои прашања не се ставаат под тепих, вели премиерката на Србија, Брнабиќ...

Позитивни пораки и од средбата на премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ со заедничка порака- помеѓу Македонија и Србија постојат партнерски односи со високо ниво на взаемна доверба, разбирање и добрососедство. Прелиминарно е договорена заедничка седница на двете влади кон крајот на феврури или почетокот на март, во Куманово. Македонија ја поддржа Србија, седиштето на Генералниот секретаријат на Транспортната заедница за ЈИЕ да биде во Белград, а Србија ја подржи Македонија да биде домаќин на Самитот за дигитализација во 2018-та година во Скопје.

На средбата дефинирани се и темите за заедничкиот состанок на двете влади, меѓу кои се и отварањето на Културни центри во Скопје и Белград и склучување Договор за заштита и унапредување на спомениците и културните добра во двете земји.

Трговската соработка е доста добра и таа изнесува 723 милони долари во 2016 година. Расте и увозот и извозот и Србија е трета по обем по размена како трговски партнер-изјави премиерот Заев по средбата со Брнабиќ.

„Големи се очекувањата и од Планот за регионална економска област на Западен Балкан кој се базира на еднакви услови за сите во регионот. Наши заеднички интереси се промовирање на натамошна трговска интеграција, воведување динамичен инвестицијски простор, олеснување на регионалната мобилност и креарање на агенда за дигитална интеграција. Од посебен интерес ни е соработката во областа на дигитализацијата, ИТ секторот и креирање на старт-ап култура и претприемништво“, рече премиерот Заев.

Посетата е добар сигнал за нашите заеднички идни проекти и сите отворени прашања ќе ги решаваме преку дијалог- истакна премиерката Ана Брнабиќ.

„Во разговорите се фокусиравме на идните регионални проекти, завршување на коридор 10 во јужниот крак, изградба на пругата Будимпешта- Скопје и гасификацијата помеѓу Врање и Куманово“, рече премиерката Брнабиќ.

Според Брнабиќ соработка помеѓу министерствата за внатрешни работи и за мигрантската криза е успешна, како и во културата, во земјоделието и во инфраструктурното поврзување. Регионалната соработка преку Берлинскиот процес на патот за ЕУ е исклучително важна за двете држави-констатираше српската премиерка.

Во врска со политичките и дипломатските проблеми кои беа во минатото, околу зачленувањето на Косово во УНЕСКО и за повлекувањето на дипломатите од српската амбасада во Скопје, премиерот Заев изјави дека го подржува дијалогот меѓу Србија и Косово и верува дека ќе се изнајде решение, од што зависи перспективата на целиот регион. За секое отворено прашање не се двоумиме веднаш да кренеме телефон и директно да ги решаваме проблемите- изјави Заев. Така и со претседателот Вучиќ, на пријателски и дипломатски начин најдовме решение.

Премиерот Заев оствари средба и со претседателот Александар Вучиќ, по што ќе има средба со преставниците на македоското малцинство во Србија.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ