Хан: Зближувањето со соседите е важна мерка за добивање датум за преговори

21.11.2017 15:14

Добро е што се разговара за името и добро е што вицепремиерот Османи ќе оди во Грција, но засега немам коментар, изјави денеска во Скопје еврокомесарот Хан. Европската унија ќе одвои околу 38 милиони евра за нови вработувања, за унапредување на образованието и за социјална вклученост на различните групи население...

„Зближувањето со соседите е важна мерка за добивање датум за преговори“ -  еврокомесарот Хан на вториот ден од посетата на земјава. Според него, Македонија треба да го искористи бугарското претседателство со Унијата во почетокот на идната година, а потоа и на Романија, за да добие јасна препорака за почнување преговори.  Тој добил гаранција од клучните играчи дека се посветени на европската перспектива. Во однос на односите со Грција, рече дека е добро што има континуирани средби.

Хан информира дека Еевропската унија со 37,5 милиони евра ги поддржува вработувањето, образованието и социјалната инклузија преку ИПА програмата. Побара по надминување на политичката криза во земјава, посветеност на активности насочени кон иднината, пред сѐ за младите. Министерот за финансии соопшти дека и Ввладата од буџетската каса за 2018-та година издвоила средства за мерките за вработување.

Преку програмата за развој околу 13 илјади невработени ги надградиле своите вештини и се вклучиле на пазарот на труд. Најмногу од нив биле млади, невработени и жени. Од четвртата компонента од ИПА останале неискористени уште 18 милиони евра.

Во Агенцијата за вработување беше промовирана кампањата „Веруваме во тебе, вложуваме во тебе, ЕУ за тебе“. Со автобусот на кој е испишана оваа порака, евркомесарот стигна од Агенцијата до канцеларијата на Унијата во Скопје.

 

Наташа Гркова- Петрушевска