Град Скопје

Шилегов најави голема акција за чистење на Скопје

21.11.2017 15:18

Ќе се засили инспекцискиот надзор во општините каде што несовесните граѓани горат гуми и пластичен материјал за огрев.

Скопскиот градоначалник Шилегов најави дека од четврток почнува голема акција за чистење на главниот град. Ќе се засили инспекцискиот надзор во општините каде што несовесните граѓани горат гуми и пластичен материјал за огрев.

Ова е една од краткорочните мерки против загадувањето на Скопје оваа зима, рече на прес-конференцијата Шилегов. Евидентно е, како што рече, дека загадувањето се должи и на наталожената прашина на нашите улици, која со години стои неисчистена. Планираме таа прашина да ја тргнеме од улиците.

Секоја општина со целата своја механизација, заедно со градските јавни претпријатија и ангажираните лица ќе чисти во точно определени денови. Почнуваме од Бутел, а потоа ќе продолжиме во другите општини. Предвидени се по ден-два за секоја општина во зависност од нејзината големина. Откако ќе завршиме со чистењето на општините, ќе се чисти кејот на реката Вардар, истакна Шилегов.

Акцијата за чистење на Скопје ќе се реализира секоја есен и пролет и предвидено е да стане традиционална.