На рочиштето за „Труст“ се сослушуваа сведоци, одложено судењето за „Триста“
Во скопскиот Кривичен суд, ново рочиште за предметот „Труст“, за ископот на јаглен и јаловина во РЕК Битола. Се сослушуваа сведоци. Судењето за случајот „Триста“ се одложи. Обвинетиот е болен, СЈО побара неговата состојба да ја утврди медицински вештак...

Фактурите се мои, за потписите не сум сигурен. Ова го изјави сведокот кој на барање на Специјалното обвинителство беше сослушан за случајот „Труст“. Откако му беа предочени фактури од купопродажните договори меѓу неговата и фирмата на обвинетиот Сеад Кочан, рече дека се потпишувал на три различни начини. Станува збор за договорот кој компанијата „Трансмет“ го приложила како доказ дека ги поседува машините кои биле услов за добивање на тендерот на ЕЛЕМ, вреден 17 милиони евра.
Одбраната побара фактурите кои како доказ се предложени од Обвинителството, а кои се на германски, турски и англиски јазик да се преведат на македонски пред да им бидат дадени.
Во Кривичниот суд се одложи рочиштето за случајот „Триста“, за набавката на возила во МВР. Обвинетот Ѓоко Поповски преку бранителите достави медицинска документација дека е на боледување и е спречен да го следи рочиштето.
Анита Димитријевска
