Соработка преку дијалог

Премиерот Заев на средби со српскиот државен врв

21.11.2017 17:04

„Секое прашање да се решава преку дијалог, како блиски народи наша обврска е да ги следиме интересите и да ја унапредуваме соработката“, побара премиерот Заев на средбите со државниот врв на Србија. На претседателот Вучиќ му подари дрес од „Вардар“...

Потврда на пријателските односи и на определбата за унапредување на билатералната соработка искажана на средбата на премиерот Зоран Заев со српскиот претседател Александар Вучиќ. Србија е отворена за сите иницијативи, кои придонесуваат кон мирот во регионот-оцени Вучиќ. Истакната е потребата за натамошно зголемување на економската соработка и на трговската размена, која според премиерот Заев има потенцијали да достигне до една милијарда евра.

Позитивни пораки и од средбата на премиерите Заев и Брнабиќ, со заеднички став, дека помеѓу Македонија и Србија постојат партнерски односи со високо ниво на взаемна доверба, разбирање и добрососедство. Прелиминарно е договорена заедничка седница на двете влади кон крајот на феврури или почетокот на март, во Куманово.

Големи се очекувањата и од Планот за регионална економска област на Западен Балкан кој се базира на еднакви услови за сите во регионот. Наши заеднички интереси се промовирање на натамошна трговска интеграција, воведување динамичен инвестицијски простор, олеснување на регионалната мобилност и креарање на агенда за дигитална интеграција. Од посебен интерес ни е соработката во областа на дигитализацијата, ИТ секторот и креирање на старт-ап култура и претприемништво“, изјави премиерот Заев.

Посетата е добар сигнал за нашите заеднички идни проекти и сите отворени прашања ќе ги решаваме преку дијалог- истакна премиерката Ана Брнабиќ.

„Во разговорите се фокусиравме на идните регионални проекти, завршување на коридор 10 во јужниот крак, изградба на пругата Будимпешта-Скопје и гасификацијата помеѓу Врање и Куманово“, изјави премиерката Брнабиќ.

За секое отворено прашање не се двоумиме веднаш да кренеме телефон и директно да ги решаваме проблемите- изјави Заев. Така и со претседателот Вучиќ, на пријателски и дипломатски начин најдовме решение.

Премиерот Заев имаше средба и со преставниците на македоското малцинство во Србија, при што им предаде донација на соодветна литература по македонски јазик, лектири и помошни наставни средства со цел на зајакнување на процесот на изучување на предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура“.

Премиерот Заев посетата ја заврши со средба со девет нерезистентни амбасадори со седиште во Белград, кои ја покриваат Македонија, меѓу кои и амбасадорите на Канада, Австралија, Норвешка, Мексико, Белорусија.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ