Шекеринска- Китаровиќ: Македонија има сили и поддршка за целосна интеграција во ЕУ и НАТО
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји и поддршката од страна на Хрватска за интеграција на Македонија во НАТО и Европската унија.

Во рамките на официјалната посета на Република Хрватска, министерката Радмила Шекеринска се сретна и со претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар- Китаровиќ. На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји и поддршката од страна на Хрватска за интеграција на Македонија во НАТО и Европската унија.
„Имате сили, имате многу пријатели, имате искрена и безрезервна поддршка од Хрватска на вашиот евроатлантски пат“, изјави Грабар- Китаровиќ на средбата.
Како што соопштија од Министерството за одбрана, министерката Шекеринска ги истакна приоритетите на Владата и актуелните политички, општествени и одбранбени реформи во Република Македонија.
„Ние не го бараме членството како подарок. Посветено работиме да го заслужиме нашето членство во НАТО и ЕУ. Максимално сме фокусирани на унапредување на состојбите преку решавање на отворените прашања, а не одбегнување на истите“, истакна Шекеринска.
И двете соговорнички се согласија за потребата од интензивирање на соработката во регионот и негова понатамошна евроатлантска интеграција. Претседателката Грабар- Китаровиќ упати поддршка за реформски ориентираната Влада на Република Македонија и нејзините напори за исполнување на потребните критериуми во евроатлантските интегративни процеси.
