Дојче телеком сериозен во намерата го преземе Телеком Словеније
18.02.2014 15:23
Словенечката влада, која поседува 63% удел од акциите во најголемата словенечка телекомуникациска компанија, има намера да го продаде уделот до крајот на оваа година...

Дојче телеком е сериозен во намерата да го купи мнозинскиот удел во Телеком Словеније, пишува еминентниот германски весник „Ханделсблат“, повикувајќи се на владини извори во Словенија, пренесува порталот Економски Лидер.
Словенечката влада, која поседува 63% удел од акциите во најголемата словенечка телекомуникациска компанија, има намера да го продаде уделот до крајот на оваа година.
Изворите на „Ханделсблат“ велат дека за 63% удел словенечката влада може да добие околу 700 милиони евра. Инаку, словенечкиот телеком моментално на пазарот вреди околу 850 милиони евра, пишува весникот.
По оваа прашање во германскиот телекомуникациски гигант сеуште не коментираат, но во ноември минатата година, извршниот директор на Дојче телеком за Унгарија, Јанос Забохад, рече дека компанијата ја разгледува можноста да достави понуда на тендерот за приватизација на словенечкиот телеком.
Германските аналитичари пишуваат дека влезот на германскиот телеком оператор на словенечкиот пазар најверојатно ќе се случи, бидејќи Дојче телеком веќе е присутен во соседните земји.
„Ханделсблат“ пишува дека Дојче телеком не е единствената компанија заинтересирана за државниот удел во словенечкиот телеком. Голем интерес истовремено покажуваат кинескиот гигант Хуавеи, како и инвеститори од познатите фондови Бејн и Аксос, како и една руска телекомуникациска компанија.
„Лидер“ пишува дека на македонскиот пазар пак оваа аквизиција може да има влијание. Имено, Телеком Словеније е сопственик на третиот по големина телекомуникациски оператор на макеоднскиот пазар, ОНЕ. Иако од операторот минатата година изјавија дека ОНЕ не оди на продажба, медиумите шпекулираат дека сеуште во игра е и опцијата за целосна продажба на Телеком Словеније, комплетно со сите свои филијали.
Ако се случи ова преземање, и ако Телеком Словеније се продаде заедно со своите филијали, тогаш ситуацијата на македонскиот телекомуникациски пазар би била многу интересна, поради тоа што Дојче телеком, преку Маѓар телеком е газда на Т-Мобиле Македонија и Македонски Телеком.Експертите велат дека доколку Дојче телеком успее во намерата да го купи со своите филијали Телеком Словеније, поради регулаторните препреки на македонскиот пазар веднаш по аквизицијата ќе биде приморан да го продаде операторот ОНЕ, поради тоа што ќе има преголема концентрација на пазарот.
