Аерозагадување

Се бараат решенија за загадениот воздух во Битола

23.11.2017 15:51

Битола е еден од градовите во кој во континуитет последниов месец има загаден воздух, неколкупати повеќе над дозволеното. За ублажување на ваквите состојби со јавен повик за финансирање проекти за намалување на аерозагадувањето се вклучи и Фондот за иновации и технологија...

И зимава нивото на загадениот воздх е топ еколошка тема во Пелагонискиот регион. Последниов месец во континуитет ПМ честичките во воздухот просечно се движат околу 150 микрограми на метар кубен.

Вака панорамски изгледа загадениот воздух во Битола. Но, она што е позначајно, ако 35 дена во текот на годината дозволено е пречекорувања, досега мерните инструменти регистрирле околу 100 пречекорувања.

Граѓаните велат- се чувствува на дишењето, а во вечерните часови има и непријатна миризба. Спас барат на повисоките места, а некои дури нудат и решенија.

„Се чувствува. Јас често пешачам и се забележува во центарот на градот потешко се дише, концетрацијата на честичките е поголема“- вели еден битолчанец.

„Ако сакаме чист воздух мора на оџаците да почнеме да ставаме филтри, а не тоа да се бара само од големите стопански капацитети“, вели негов пријател.

Во изнаоѓање на применливи решенија, за проблемот кој го чувствуваат и останатите поголеми градови, се вклучува и Фондот за иновациии технолошки развој. Велат, добредојдени се сите апликации што можат да понудат иновативни и практични решенија.

„Се фокусиравме на три тематски целини, и тоа загадувањето што доаѓа од домаќинствата, потоа сообраќајот и третата целина е урбаните алтернативи“, вели претставникот на Фондот, Ирена Ѓоргиева.

Експертите од собраќајниот отсек на Техничкиот факултет велат дека сообраќајот во загадувањето на воздухот учествува од 20-40 проценти.

„Има можности во зависност од финансиите, еден од поскапите проекти и спас за Битола би било подготовката на еден одржлив транспортен систем“, вели проф. д-р Никола Крстановски од сообраќајниот отсек на Техничкиот факултет.

Сепак, најголемото системско решение за Битола би било реализација на проектот за гасификација и максимално ефикасно имплементирање на проектите што се однесуваат на РЕК Битола.

Стевче Митревски