СЈО со над 1.500 докази за „Труст“
Продолжи судењето за случајот „Труст“. Специјалното јавно обвинителство настапи со повеќе од 1.500 докази, меѓу нив и прислушувани разговори кои досега не се објавени во јавноста. Во овој случај, поднесеното обвинение е за злоупотреба на 17 милиони евра при јавна набавка за ископ на јаглен и јаловина за РЕК Битола...

Специјалното јавно обвинителство приложи 1.560 докази против обвинетите во предметот „Труст“. Меѓу нив фактури, договори, уплати и сметководствена евиденција.
Специјалниот обвинител посочи и три телефонски разговори, од кои два не биле јавно објавени. Тие биле водени меѓу поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, и екс- директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски. А третиот, меѓу поранешниот премиер Груевски и Чинговски. СЈО планирале и да се откажат од дел од доказите кои не биле преведени на македонски јазик.
Дел од одбраната на обвинетите пред судот приговараше за доказите. Велат не се доставени во читлива форма за да можат да се изјаснат за нив. Судијката го одби предлогот на одбраната аудиоснимките да не бидат докази во постапката и го прифати предлогот компакт- дискот од обработените банкарски сметки да не биде доказ во постапката.
Следното рочиште е закажано за 30-ти ноември, на кое како сведок ќе биде сослушан Васил Ристовски, управител на „Силекс неметали“.
Наташа Гркова- Петрушевска
