Османи: Следните шест недели клучни за евроинтеграцијата на Македонија
До почетокот на идната година ќе бидат донесени клучни закони во областа на судството, безбедноста и администрацијата. Вицепремиерот за евроинтеграции посочи дека ова се препораки од Европската комисија со цел Македонија в година да добие чиста препорака за старт на преговорите за членство.

Наредните шест недели ќе бидат клучни за евроинтеграцијата на Македонија. За да добиеме јасна препорака за преговори со Унијата во февруари, Македонија мора да ги донесе сите реформи во правосудството, безбедносните служби и јавната администрација до крајот на годинава.
„Треба да се усвојат законот за анулирање на Законот за Советот за утврдување факти, предлог измените на Законот за Судскиот совет и Законот за заштита на сведоците. Во сферата на безбедносните служби примарно е да се отстрани каква било можност за продолжување на нелегално прислушување. Во делот на јавната администрација предвидено е усвојување стратегијата, која ќе има улога да се создаде деполитизирана ефикасна администрација“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Во март се очекува Европската комисија да почне преговарачка рамка со Македонија и предскрининг за поглавјата 23 и 24. На Самитот на ЕУ во Бугарија во мај, треба да се потврди европската перспектива на балканските држави, а во јуни Европскиот совет да даде датум за почнување на преговори со Македонија.
Ова секако ќе зависи и од Грција, па вицепремиерот Османи со посетата во Атина ќе работи на зацврстување на довербата меѓу Македонија и Грција, со цел оваа земја членка на ЕУ да не го блокира почнувањето преговори во јуни.
Ирина Гелевска
