Случај „Насилство во Центар“: Условна казна за Томислав Лазаров

24.11.2017 14:25

Четвртообвинетиот Томислав Лазаров во предметот „Насилство во Центар“, доби условна казна шест месеци, ако за две години не стори кривично дело. По пресудата изјави дека нема да се жали и се кае за тоа што го сторил. И Специјалното јавно обвинителство нема да поднесе жалба на пресудата.

Шест месеци условна казна му одреди судот на Томислав Лазаров за случајот насилство во Општина Центар. Нема да се изврши доколку за две години не стори ново кривично дело. Судијката образложи дека пресудата ја донеле врз утврдувањето на изјавата за признавањето на вина, која, како што рече била дадена доброволно и свесно.

Лазаров нема да ја обжали пресудата, повторно пред Судот изрази каење и вети дека во иднина нема да стори кривично дело.

„Ги повторив зборовите што ги истакнав и пред некој ден, кога ја признав вината. Го ценам тоа што Судот ги зема во предвид сите олеснителни околности, а со било која дополнителна информација, само би можел да наштетам на останатиот тек од постапката“, изјави Томислав Лазаров.

Пресудата нема да ја обжали ни Специјалното јавно обвинителство.

„Фазата во која обвинетиот Томислав Лазаров даде признание на вина, според Кривичниот законик овозможува поблаго казнување. Единствено овој обвинет, за разлика од останатите обвинети ја искористи оваа шанса, и единствено за овој обвинет, според Обвинителството, доаѓа во предвид условна осуда“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Поради тоа што двете страни во случајот се изјаснија дека нема да ја обжалат пресудата , таа станува правосилна.

 

Наташа Гркова- Петрушевска