Почнува проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието
Стартува проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Ќе го спроведува УСАИД, а ќе трае пет години. Според американскиот амбасадор Бејли, целта е младите меѓусебно да се почитуваат. Од Министерството за образование велат дека младите треба да се подготват за академски граѓани...

Младите без предрасуди и заедно да ги надминат стереотипите кон различностите, да станат одговорни граѓани кои ќе изградат просперитетна иднина. Ова е целта која треба да ја постигне проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Според амбасадорот на САД во земјава, тоа е можно само доколку младите ги надминат разликите. За Бејли диверзитетот е најголема придобивка за Македонија, но и за неговата земја.
„Во минатите пет години, УСАИД Македонија и нејзините партнери работеа со Владата на Македонија и сите основни и средни училишта. Меѓу многуте достигнувања, беа изградени 400 партнерства помеѓу училиштата со различни наставни јазици, на тој начин сплотувајќи ги наставниците и учениците во реализирањето на наставни и воннаставни активности“, изјави американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли.
Проектот има цел да ги научи учениците од различни вери и националности како да работат и да се почитуваат едни со други. Според надлежните тоа е можно само доколку се воведат иновативни практики и вештини во образованието што ќе одговорат на потребите на младите денес, но и во иднина.
Проектот ќе трае пет години и чини 5,8 милиони долари.
Викторија Милевска
