Дебата за јавниот сервис

Кадар и ресурси- главни предизвици за редакциите на заедниците на Јавниот сервис

27.11.2017 15:41

На редакциите на јазиците на заедниците во Македонската Радио- телевизија им е потребен кадар, но и ресурси за да бидат вистински сервис на граѓаните, стои во анализата на експертот за медиуми Џонатан Стонман. На дебатата на ОБСЕ, ресорните министри ја објаснија и потребата од отворање на нов, четврти канал што ќе емитува програма на јазиците на заедниците.

Во неколку неделното скенирање на состојбите во јавниот сервис, експертот Џонатан Стонман утврдил дека на редакциите на заедниците им се потребни подобри услови за работа, нов кадар и повеќе пари за реализација на проекти. На дебатата на ОБСЕ се разговараше и за предлогот на владата за отворање на нов, четврти канал на МТВ кој ќе емитува програма на јазиците на заедниците.

„Ова е можност да се споделат лингвистичките богатства на оваа држава на еден начин со кој што ќе се разменуваат програмите и ќе се воспоставува соработка, така што секој припадник на секоја заедница ќе може да гледа програма на кој јазик сака“, изјави експертот за медиуми, Џонатан Стонман.

За надлежните, отворањето на новиот канал и вториот сервис кој ќе емитува 24 часовна програма на албански јазик, е чекор кон професионализација на МТВ.

„Ние како држава сме свесни дека формирање на нов канал ќе биде предизвик за јавниот сервис и затоа е од големо значење ангажманот на пријателите од обсе и другите меѓународни одрганизации кои сакаат да помогнат во овој процес“, вели Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.   

„Имаме волја да почнеме да ги решаваме проблемите, нема да биде преку ноќ, нема да ги затвориме веднаш, но влегуваме со чиста намера да тргнеме во решавање на клучните проблеми, а тоа е јавниот сервис да ја добие улогата на вистински јавен сервис во општеството“, рече министерот за комуникации, Роберт Поповски.

Ресорните министри најавија дека и во наредниот период ќе продолжи дебатата за реформите во медиумскиот сектор.

Викторија Милевска