Самит 16+1: Соработка со Кина- големи перспективи за Македонија
Во Будимпешта се одржува шестиот самит на шефови на влади за соработка меѓу земјите од Централна и Источна Европа со Кина. Македонската делегација ја предводи премиерот Заев. Порача дека сака партнерски односи со Пекинг, креирање можности за економски развој и за подобар животен стандард. Вети дека Владата ќе работи за дополнително подобрување на бизнис-климата.

„Ги зајакнуваме партнерските односи со Народна Република Кина за идна експанзија на економската соработка“- рече претседателот на Владата, Зоран Заев во своето обраќање на самитот во Будимпешта.
„Живееме во време соочени со многу предизвици, а тоа од лидерите бара работа насочена кон креирање на можности за економски развој и унапредување на животниот стандард на граѓаните“, посочи Заев пред шефовите на влади на земјите од Централна и Источна Европа и највисоките претставници на Народна Република Кина.
„Република Македонија е подготвена да настапи со многу капитални инфраструктуирни проекти. Еден од приоритетите е железничката линија од Коридорот 8, посебно делот од Кичево до границата со Албанија, во проектна вредност од околу 500 милиони евра, како и автопатското решение за делницата Велес- Прилеп, кое во делот на централна Македонија ќе обезбеди инфраструктурно решение за олеснување на патувањето на граѓаните во внатрешниот дел на нашата земја. Секако остануваат и многу други проекти на кои што ќе се посветиме, како што е модернизирањето на железничката пруга од македонско- грчката граница до Табановце, како дел од Коридортот 10 “, изјави премиерот Заев.
Домаќинот на самитот, унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европа ќе има профит од оваа соработка. Со идентичен став и кинескиот премиер.
„Од успехот на оваа соработка зависи и успехот на цела Европа, од оваа соработка ќе профитира цела Европска унија“, нагласи Виктор Орбан, премиер на Унгарија.
„Ова е добар период да ја планираме нашата иднина. Се надевам дека соработката со 16-те земји од Централна и од Источна Европа отвора широка перспектива“, истакна Ли Кечијанг, премиер на Народна Република Кина.
Република Македонија идната година ќе биде домаќин на Петиот кинески симпозиум за соработка на земјите од Централна и Источна Европа.
Андријана Атанасовска
