Народен правобранител: Зајакнување на постапката за безбедност на лековите од паралелен увоз

28.11.2017 14:43

Народниот правобранител побарал одговори од Агенцијата за лекови и клиниките, по што дошле до заклучок дека лековите набавени со паралелен увоз не се проверуваат и контролираат како лековите набавени по редовна постапка.

Народниот правобранител бара зајакнување на постапката за безбедност и оценка на квалитетот на лековите набавени со паралелен увоз од трети држави надвор од ЕУ. Постапувајќи  по претставки од граѓани кои имале нарушено здравје по земањето на инсулин, вакцини  и лекови за ретки болести и канцер, Народниот правобранител побарал одговори од Агенцијата за лекови и клиниките, по што дошле до заклучок дека лековите набавени со паралелен увоз не се проверуваат и контролираат како лековите набавени по редовна постапка.

99 проценти од лековите набавени со паралелен увоз се од Турција. Од канцеларијата на омбудсманот препорачуваат измени на Законот за лекови со воведување на задолжителна проценка на лекот од Комисија за лекови, воспоставување на регистар на лекови од паралелен увоз, контрола на секоја увезена серија лекови, укинување на привремените дозволи за ставање на лекот во употреба и усогласување на постапката за паралелен увоз со регулативата на Европската унија.