Заев- Кечијанг: Помошта од Кина е значајна за инфраструктурна модернизација на Македонија
„Помошта од Кина е значајна за инфраструктурна модернизација на Македонија“ - премиерот Заев по средбата со неговиот кинески колега Кечијанг во Будимпешта. Земјава ќе аплицира за поволните кредити...

Помошта од Кина е од историско значење за инфраструктурната модернизација на Македонија, оцени премиерот Зоран Заев на средбата во Будимпешта со неговиот кинески колега Ли Кечијанг. Според него, многу e важна поддршката на Народна Република Кина за воспоставување поинтензивна економска соработка меѓу двете земји.
„Народна Република Кина е докажан пријател на Македонија, а нашите билатерални односи се исклучително добри и во таа насока очекувам плодна соработка меѓу нашите две земји во иднина“, посочи премиерот Заев.
На средбата што се одржува во рамките на Самитот 16+1, двајцата премиери ги разгледале проектите од регионално значење. Се согласија за нивна имплементација и реализација во најбрз рок.
Според Кечијанг инвестициите во инфраструктурата се инвестиции за иднината на Македонија. Со изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10, земјата ќе стане транспортен јазол во регионот, оцени претседателот на кинеската влада.
Премиерот Заев посочи дека Македонија е подготвена со повеќе конкретни проекти да аплицира за поволните кинески кредитни линии, а ќе се зајкнува и соработката со врвните кинески компании од информатичките технологии.
Во пресрет на 25- годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, Кечијанг најави интензивирање и унапредување на соработката. Заев пак, потенцираше дека Македонија ја поддржува политиката „Една Кина“.
Сунчица Николоска
