Груевски: СДС да престане со политичкиот прогон

28.11.2017 16:05

„Заев и СДС брутално удрија кон сите што мислат и дејствуваат македонски. Тоа е последниот чин на пресметка со слободно мислечкиот Македонец и со оние што се одважија да кажат стоп за Тиранската платформа“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски. Побара запирање на овие процеси кои ги нарече политички прогон...

Заев и СДСМ брутално удираат кон тие што мислат и дејствуваат македонски. Ова е последен чин на пресметка со слободномислечкиот Македонец и кон граѓаните кои се одважија да кажат став за разградувањето на државата, против Тиранската платформа, против насилието на власта, став на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за апсењето за собраниските случувања од 27-ми април. Според него законите, правдата и Уставот повеќе не важат, а државата е заробена. Груевски рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ минуваат низ голгота само затоа што си ја сакаат државата, и побара да престане политичкиот прогон кон партијата.

„Бараме безусловно запирање на сите овие процеси на овој класичен политички прогон, бараме итно и безусловно стопирање на малтретирањата, теророт и иживувањата кои го прави СДС. Бараме итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој политички прогон“, нагласи Груевски.

Наместо тема да се убиствата, грабежите, рекетарите, тема се луѓето кои беа на страна на државата, рече Груевски кој порача дека сето ова што се прави е за да се променат името, идентитетот, јазикот на државата и да се воведе неуставна двојазичност и промени историјата.

„За што треба да одговараат оперскиот пејач, актерот, архитектот, за тероризам, каде минималната казна е 10 години затвор, кои се спротиставија на Тиранската платформа со која се носи неуставна двојазичност, промена на унитарниот карактер на државата и влезот на граѓаните беше реакција на акцијата на СДСМ и Заев насилно да го изберат Талат Џафери“, рече Груевски.

Според Груевски, ова е последниот час кога треба да се заштитат луѓето, ова е борба на народот за својата држава против како што рече- хунтата на власта, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води таа тешка и долга битка, битка за татковината- порача Груевски.

 

Викторија Милевска