Пратеници, поранешни директори, уметници, активисти даваат исказ во суд

Обвинителството гони 36-мина за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста

28.11.2017 16:28

По наредба на Обвинителството, на распит 36-мина инволвирани во собраниските настани од 27-ми април. Осомничени се за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Меѓу нив се пратеници, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, уметници, активисти. Искази пред судија на претходна постапка...

Полицијата приведе пратеници, уметници, поранешни први луѓе на државни институции, екс директорот на Бирото за јавна безбедност и граѓани, за настаните кои се случија на 27- ми април во Законодавниот дом. Приведените на исказ во Кривичниот суд пред судија на претходна постапка.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека ја завршило предистражната постапка за настаните кои се случија на 27-ми април 2017-та година во Собранието на Република Македонија. Обвинителството донело наредба за спроведување на истражна постапка против 36- мина.

Се товарат за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик. Според него, се пропишува казна затвор над 10 години.

Откако судија на претходна постапка ќе ги сослуша приведените треба да се произнесе за мерката која би им ја одредил за обезбедување присуство за понатамошна постапка.

 

Наташа Гркова- Петрушевска