Ќе продолжат разговорите меѓу Заев и Груевски
По повикот за помирување и за натамошни средби од претседателот Иванов, премиерот Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски не ги доближуваат ставовите за општата политичка состојба во земјата. Првиот не ги коментира одлуките на судот, вториот бара почитување на рочиштата. ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не решавало за напуштање на Собранието, вели Груевски.

Премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на полноќна средба со претседателот Ѓорге Иванов. „Се разговараше за можни решенија за излез од актуелната состојба на напнатост во државата што предизвикува загриженост кај граѓаните. Целта на средбата беше да се поттикне помирување и нормализирање на политичките процеси во Република Македонија“, пишува во кусото соопштение од Вилата Водно.
Заев вели дека опозицијата, иако изразува незадоволство поради политички случаи кои се водат пред правосудните органи, треба да е вклучена во процесите на реформите.
„Владеење на правото мора да има, но истовремено мораме сите да бидеме внимателни заради перспективите на државата. Македонија е исправена пред седиозни процеси, не очекуваат седиозни реформи и верувам дека во тој дух апсолутно ќе можеме преку разговор со политичките субјекти да изнаоѓаме решенија“, изјави премиерот Заев.
ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не донело одлука дали нејзините пратеници ќе го напуштат Собранието, изјави лидерот на партијата, Груевски.
„Претседателот Иванов во обид да ги смири тензиите во општеството што се создадоа по овие политички хајки кои што беа преземени, нѐ покани на еден разговор. Јас ги повторив ставовите кои јавно вчера ги кажав. Тоа е тоа“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Во претседателскиот Кабинет договорено е средбите меѓу лидерите на власта и опозицијата да продолжат и во следниот период.
Миле Ристески
