Барањата за притвор на пратениците пред Комисија за мандантно-имунитетни прашања

30.11.2017 08:13

Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. Врз основа на извештајот, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по барањето.

Комисијата за деловнички и мандантно- имунитетни прашања денеска напладне ќе почне да ги разгледува двете барања за притвор за шестмина пратеници, на барање на судиите на претходна постапка, Весна Димишкова и Ненад Савески, од Основниот суд Скопје 1.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, вчера согласно член 53 став 5 од Деловникот на Собранието ги достави до Комисијата за мандантно- имунитетни прашања барањата за одобрување притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, поднесени од Основен суд Скопје 1, Одделение за организиран криминал и корупција.

Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. Врз основа на извештајот, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по барањето.

За одземање на имунитетот на пратеникот потребно е просто мнозинство.