ЗОИ 2014, Сочи, хокеј на мраз (мажи)

Чесите на САД, Русите на Финска во четвртфиналето

18.02.2014 23:00

САД-Чешка, Канада-Летонија, Русија-Финска и Шведска-Словенија. Тоа се двојките за четвртфиналето на машкиот хокејарски турнир, формирани вечерва по последните дуели од плеј-оф рундата.

Чешка ја победи Словачка со 5-3 во меч во којшто поведе со 4-0, но со опуштена игра потоа му дозволи на противникот да се доближи на 4-3. За триумфот страхуваше се до пред крајот, кога Словаците се обидоа да изедначат и без голман, но место тоа примија петти гол и го завршија настапот како најголемо разочарување во Сочи.

Летонија направи подвиг, елиминирајќи го светскиот вицепрвак Швајцарија со 3-1. Швајцарците платија за самоуверениот настап и неочекувано загубија од противникот, од кого беа поуспешни во соочувањето во групната фаза.

Претходно, Русија со четири гола во мрежата на Норвешка рутинирано го одработе непланираниот натпревар повеќе, во којшто прво се мачеше да го скрши отпорот на ривалот, ја сочува својата мрежа, а сочува и дел од силите за мегапресметката во четвртфиналната рунда против Финска.

Најпријатно изненадување на мразот во Сочи е олимпискиот дебитант Словенија. Откако ја мина групната фаза, со убедливи 4-0 во плеј-оф фазата ја исфрли од турнирот Австрија. Херојските настапи на Словенците би можеле да завршат утре, бидејќи во четвртфиналето ќе наидат на актуелниот светски првак Русија.