Атлантски совет

Македонија очекува забрзана евроинтеграција наредната година

30.11.2017 10:33

Евроинтеграцијата на Западен Балкан ќе придонесе за стабилноста на регионот. Македонија не се плаши да разговара со Грција за решение за името и очекува забрзана евроинтеграција наредната година, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров во Атлантскиот совет во Вашингтон...

Европа нема да биде цела и слободна без прием на Mакедонија во ЕУ и во НАТО. Не е одржлива стратегијата една држава да се држи во чекална. Имаме можност со Грција што треба да се искористи и на крајот од овој процес нема да има победник или губитник, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров на трибина за Балканот во американскиот Атлански совет во Вашингтон.

„За неколку дена во Брисел ќе продолжат разговорите со Грција. Ова е билатерален спор, но има и меѓународна последица. Ако успееме во евроатланската интеграција ќе биде добро за Македонија, за регионот, за Европа и за САД. Спорот со името не треба да биде пречка за евроатланската интеграција на Македонија. Ричард Холбрук излезе со оценка во 95-та, а имаме и пресуда од Меѓународниот суд за правда. Важно е дека ова не го кажувам за да ги обвинам Грците, но не можеме да станеме сојузници ако се повредуваме. Имаме можност за решение во 2018-та“, рече шефот на дипломатијата, Никола Димитров.

Пријателско охрабрување од страна на САД е корисно, истакна Димитров.

„САД се инволвирани и ќе останеме инволвирани на Западниот Балкан. Важно е Западниот Балкан да успее, да имаме добри партнерства со земјите од регионот и со ЕУ. Нема да се наметнуваме, ќе помагаме само ако сме потребни. САД имаат позитивна улога и придонес во регионот. Потребно е Грција и Македонија да го решат спорот“, изјави Брајан Хојт Ји, заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи во Стејт Департмент.

Стабилноста на Балканот е јасен интерес на САД. Македонија очекува бројот на земјите членки на НАТО да се заокружи на 30, при што едно столче ќе биде за Македонија.

 

Ирина Гелевска