Димитров- Тилерсон: Поддршка за реформите и влез во НАТО

30.11.2017 12:44

Македонскиот шеф на дипломатијата Димитров вчера беше примен од Рекс Тилерсон, државен секретар на САД. На средбата Тилерсон истакнал дека Македонија е на добар пат кон успехот и треба да биде пример за регионот. Тој нагласил дека САД ќе продолжат да имаат позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот, да бара начини како да помогне. Во рамките на посетата Никола Димитров имаше настап и пред Атлантскиот совет...

Разликите за името со Грција, состојбите во Македонија и регионот биле теми на разговорот на министерот за надворешни работи Никола Димитров со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во Стејт Департментот во Вашингтон. Шефот на дипломатијата побарал поддршка од САД за прием во НАТО.

„Македонија е на добар пат да биде успех и пример за регионот. САД ќе продолжи да има позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот и да бара начини како да помогне“, изјавил Тилерсон на средбата со Димитров, соопшти македонското МНР.

Не е одржлива стратегијата една држава да се држи во чекална за прием во НАТО и во ЕУ. Имаме можност со Грција што треба да се искористи и на крајот од овој процес нема да има победник или губитник, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров на трибина за Балканот во американскиот Атлански совет во Вашингтон.

„Ова е билатерален спор, но има и меѓународна последица. Ако успееме во евроатланската интеграција ќе биде добро за Македонија, за регионот, Европа и за САД. Спорот со името не треба да биде пречка за евроатланската интеграција на Македонија. Ричард Холбрук излезе со оценка во 95-та, а имаме и пресуда од Меѓународниот суд за правда. Важно е дека ова не го кажувам за да ги обвинам Грците, но не можеме да станеме сојузници ако се повредуваме. Имаме можност за решение во 2018-та“, рече шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Пријателско охрабрување од САД е корисно, истакна Димитров.

„САД се инволвирани и ќе останеме инволвирани на Западниот Балкан. Важно е Западниот Балкан да успее, да имаме добри партнерства со земјите од регионот и со ЕУ. Нема да се наметнуваме, ќе помагаме само ако сме потребни“, изјави Брајан Хојт Ји, заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи во Стејт Департмент.

Стабилноста на Балканот е јасен интерес на САД. Проширувањето на НАТО со Македонија ќе придонесе за постабилен регион.

 

Ирина Гелевска