Полицијата сè уште трага по 10 лица за упадот во Собранието
МВР бара уште десетимина кои треба да ги изнесе пред Кривичен суд за настаните од 27-ми април. Министерот Спасовски изјави дека сите се во земјава. Судот одреди притвор за уште двајца...

Полицијата сè уште трага по десетина кои треба да бидат изведени пред кривичниот суд во рамките на истрагата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за настаните во Собранието што се случија на 27-ми април, изјави Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој вели дека полицијата има сознанија каде се тие. Не откри повеќе детали.
Во врска со тоа дали МВР учествуваше во креирање на делото, министерот Спасовски појасни дека улогата на полицијата е пропишана во Законот за кривична постапка. Спасовски рече дека за квалификациите на кривичното дело за кое се товарат обвинетите е надлежно обвинителството, а не МВР. За оние кои се во притвор, а се вработени во МВР, Спасовски рече дека има законски норми по кои се постапува во вакви случаи. Ако им се одреди притвор, по известувањето работниот однос им е во мирување, а за оние против кои не се води дисциплинска постапка, се отвора можност за поведување ваква постапка.
Министерот не сакаше да коментира за опасноста од бегство на пратениците за кои се бара притвор, со образложение дека за тоа е надлежно Собранието.
Под истрага се вкупно 36 лица. Кривичниот суд на 15 лица им определи притвор, а на шестмина куќен притвор.
Игор Панов
