Заев- Купер: Република Македонија останува посветена на партнерството со САД
Премиерот Зоран Заев оствари средба со в.д. заменичката асистент секретар за одбрана на САД Лаура Купер, која учествува и на Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската повелба (А5 група), кој денеска се одржува во Охрид...
Република Македонија останува и понатаму посветена на градењето на партнерство со САД, врз основа на споделувањето на заедничките вредности како што се демократијата, функционалните институции, владеењето на правото, пазарната економија и кохезијата на различностите на македонското општество. Ова било истакнато на средбата помеѓу премиерот Заев и в.д. заменичката асистент секретар за одбрана на САД, Лаура Купер, која учествува на состанокот на А5 групата денеска во Охрид.
Република Македонија и САД ги делат истите вредности и во однос на регионалната соработка на безбедносен и на секој друг план, информираат од владината прес- служба. На средбата било истакнато дека САД, како стратешки сојузник на нашата држава, секогаш ја поддржуваше Република Македонија од нејзиното осамостојување до денес, и особено во периодот на последната длабока политичка криза.
Купер се заблагодарила за учеството на АРМ во мировните мисии, како што е „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Премиерот Заев истакнал дека Република Македонија останува сојузник во овие мировни иницијативи, за кои се планира зголемено учество.
Заев и Купер имаат позитивни очекувања од состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Јадранската повелба и се согласиле дека со неа отвораат нови и важни можности за идната регионална соработка во мировните операции, во кои се очекува поголема инклузивност од аспект на родовата припадност имајќи го предвид мотото под кое се одржува овој состанок - „Интеграцијата е целта, соработката е начинот“.
На средбата било истакнато дека соработката на планот на одбраната и безбедноста меѓу САД и Република Македонија е силен сигнал за подготвеноста на нашата држава да биде прифатена како полноправна членка на НАТО, која САД силно ја поддржува.
