Генетската храна ќе влијае врз царинската унија на ЕУ

19.02.2014 09:26

По 8 месеци преговори, еврокомесарот за трговија Карел Де Гухт оцени дека најмногу копја ќе се кршат околу стандардите за генетски модифицираната храна и заштитата на информациите...

Трговијата меѓу Соединетите Американски држави и Европската Унија по склучувањето на Договорот за трговија и инвестициско партнерство ќе се зголеми за околу 200 милијарди долари годишно. По 8 месеци преговори, еврокомесарот за трговија Карел Де Гухт оцени дека најмногу копја ќе се кршат околу стандардите за генетски модифицираната храна и заштитата на информациите. Америка инсистира во договорот да се вклучат и земјите од Организацијата на Американски држави, па Македонската телевизија го праша Еврокомесарот дали смета дека треба да се вклучат и земјите кандидати.
 
„Не можеме да ги поканиме земјите кандидати на преговарачката маса, но постои можно влијание од договорот ако тие земји станат членки на Европската Унија, и секако постои влијание врз земјите со кои имаме царинска унија. Како на пример, имаме делумна царинска унија со Турција. Да, договорот ќе има влијание врз нив и затоа редовно ги информираме“, вели Карл Де Гухт-Еврокомесар за трговија.

Зголемен економски раст и отворање на нови работни места, се придобивките од Договорот за слободна трговија што ги очекуваат компаниите на двете страни од Атлантикот. Еврокомесарот за трговија се заложи за балансиран пристап при преговорите, но истакна дека Европската Унија нема намера да го менува европското законодавство.
 
Најоптимистичките прогнози за Договорот за слободна трговија се дека тој ќе биде склучен во првата половина на 2016-та година.
 
Ирина Гелевска-постојан дописник на МРТ од Вашингтон