Откриена лабораторија за екстази во Тетово

01.12.2017 13:04

Акцијата е резултат на заедничка прекугранична соработка меѓу обвинителствата и полициите на Македонија и на Србија. Само во Тетово биле пронајдени 300 килограми екстази.

Разбиена најголема лабораторија за производство на синтетичка дрога во Југоисточна Европа. Таа била сместена во куќа во Тетово. Акцијата е резултат на заедничка прекугранична соработка меѓу обвинителствата и полициите на Македонија и на Србија. Само во Тетово биле пронајдени 300 килограми екстази.

Во текот на вчерашниот ден, на подрачјето на Тетово и Скопје, Јавното обвинителство во соработка со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија- Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведе акција при што е откриена цела инсталација за неовластено производство на синтетички дроги и се запленети големи количини синтетичка дрога, како и суровини за нејзино производство, стои во соопштението од ОЈО.

Станува збор за меѓународна организирана криминална група, составена од државјани на Република Србија и македонски државјани, која се занимава со неовластено производство, обработка, поседување, пренос, посредување во продажба или купување, како и на друг начин неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.