Македонија очекува да биде 30-та членка на НАТО
Македонија очекува да стане 30-та членка на Северноатлантската алијанса, но членството е заслужено, а не е подарок, вели премиерот Заев. И за претставникот од американската администрација, Лори Купер, треба да се работи на забрзано унапредување на интеграцијата на Балканот.

Определба за градење силна демократија, почит на човековите права, како и кохезивно општество, се стратешките цели на Република Македонија со кои Владата го трасира патот кон НАТО- рече премиерот Зоран Заев на состанокот на САД- Јадранската повелба.
„Посветени сме на наоѓање на начини да се надмине проблемот, што го има Република Грција со името на нашата држава. Веруваме дека тоа е многу важно, и дека преку инклузивен пристап дома, и со градење на позитивна атмосфера на добрососедство и соработка со Република Грција. Оттаму, со право очекуваме Република Македонија да биде 30-тата членка на Алијансата, и ќе работиме на таа цел“, истакна премиерот Заев во обраќањето.
Членството на Македонија во НАТО претставува клучна гаранција за регионалната безбедност, стабилност и развој. Не бараме да го добиеме како подарок, туку тоа да е резултат на посветеност, исполнети критериуми и континуирана стабилност, рече министерката Радмила Шекеринска.
„За нас членството не е само знаме, не е само значка, за нас членството претставува клучна гаранција, за нашата, но и регионалната безбедост, стабилност и развој со оглед на новите безбедносни предизвици“, нагласи министерката за добрана, Шекеринска.
САД и понатаму ќе бидат во партнерство со секого од вас за да ја промовираат безбедноста на Западен Балкан и пошироко, истакна заменик помошникот на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер.
„Се радувам што нашите дискусии денес ќе придонесат кон градењето на веќе силните регионални и билатерални односи. Заедно со сите министери и партнери што учествуваат на денешниот самит, очекуваме да се унапреди НАТО интеграцијата и да се придонесе кон колективната безбедност на Европа“, рече Купер.
На состанокот поздравена соработката меѓу сојузниците во регионот и единството што го демонстрираат во Европа и НАТО.
САД- Јадранската повелба, позната како А5 е базирана на заедничката визија за стабилност во Југоисточна Европа, и полноправно членство во евроатлантските интеграции. Од петте земји- членки, пред вратата се сѐ уште Македонија и Босна и Херцеговина. Македонија е членка уште од 2003-тата година заедно со Албанија и Хрватска, додека во 2009-та се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Очекувањето на Македонија од ваквите средби е засилена поддршка и лобирање за влез во Алијансата.
Наташа Гркова- Петрушевска
